Сакаме најдобри можни односи со сите наши соседи, а меѓу овие соседи вклучена е и Албанија, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун, додека пак за односите со Турција посочи дека има позитивни придобивки од подобрената клима, јави дописничката на МИА од Атина.

На традиционалната прес-конференција што се одржува веднаш по свеченото отворање на саемот, грчкиот премиер говореше за актуелните теми од внатрешната и надворешната политика во земјата.

Во делот поврзан со дипломатијата, одговорајќи на новинарско прашање за Албанија, особено по случајот со Фреди Белери, посочи дека поминаа тежок период на билатерално ниво, истакна дека сакаат добри односи, но тие „поминуваат низ почитување на правата на грчкото малцинство во Албанија“, додавајќи дека прашањето со правата на сопственост е сè уште актуелно и „тоа е неопходен предуслов за да може земјата да оди напред на европскиот пат“.

За грчко-турските односи, нагласи дека никогаш немал илузии во пристапот со Турција и секогаш пристапувал со реализам, се осврна на позитивните придобивки од подобрените односи, како пример споменувајќи дека нема нарушувања на воздушниот простор во Егејското море, постои подобро управување во миграцијата и соработката со Турција, но посочи дека „јадрото на турскиот ревизионизам не е променето“.

Соработката со Турција ја повтори и во делот за мигрантското прашање, велејќи дека и покрај разликите во миграцијата соработуваат на задоволително ниво.

Посочи дека „резултатите на терен се позитивни“, истакна дека Грција ги штити своите копнени и морски граници „со апсолутно почитување на меѓународното право и вредноста на човечкиот живот“, нагласувајќи дека е од големо значење да се имплементира пактот за миграција и азил на европско ниво.

На прашањето за новиот грчки комесар во ЕУ, Апостолос Ѕиѕикостас и кој ресор ќе го добие Грција, Мицотакис рече дека нема да говори за портфолијата, бидејќи тоа ќе го соопшти претседателката на ЕК, но посочи дека земјата ќе добие „важен ресор“.

Паралелно додаде дека изборот на Ѕиѕикостас за еврокомесар, кој е префект на областа централна Македонија, е „почит кон Македонија“ и „порака до Брисел дека не мора сите комесари да бидат технократи“, а изрази увереност дека новиот грчки комесар ќе работи за Европа и Грција и ќе и помогне на земјата.

Грчкиот премиер уште еднаш ги демантираше сценаријата и шпекулациите дека има амбиции за добивање европска позиција, повторувајќи дека е избран премиер на земјата со целосен четиригодишен мандат, кој има намера да го исцрпи до пролетта во 2027 година.

Денешната прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун траеше нешто помалку од два и пол часа, Мицотакис одговори на речиси 40 прашања, а портпаролот на грчката Влада коментираше дека биле многу повеќе прашања од лани.

Грчкиот премиер говореше за приоритетите и целите до 2027 година, односно до крајот на мандатот, ставајќи го акцентот на зголемувањето на платите и подобрувањето на националниот здравствен систем, говореше за прекумерниот труизам за кој рече дека не е структурен проблем за Грција, а се осврна и на сите останати актуелни темите во внатрешноста на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/09/2024 04:49