Со благослов на надлежниот владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со браќата архимандрити на Вселенскиот Престол Кирил и Анатолиј и монахот Филарет, неколку дена беше гостин на ценетиот архиереј ширум православниот свет, Високопреосвештениот Митрополит на Дидимотихо, Орестијада и Суфли г. Дамаскин, информираше за МИА, сестра Ефимија.
Според неа по срдечниот пречек во петокот, од страна на љубезниот домаќин, владиката Партениј и претставниците на Бигорската обител, имале можност да се поклонат на најголемите светињи во најисточната епархија на Црквата на Грција и да се запознаат со најзначајните храмови и места во трите града под духовно раководство на Светиот Дидимотиски.
-Во саботата, пак, во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица (според реформираниот православен календар), во Светиот Манастир Дадија посветен токму на овој спасителен настан, на нашиот владика му беше укажана честа да претстои на празничната вечерна богослужба. На Вечерната молитвено сопретстоеше и почитуваниот Преосвештен епископ Назијански г. Атинагора, архиереј на Вселенската Патријаршија, секретар на Епархискиот Синод на Американската Архиепископија, изјави сестра Ефимија.
На крајот од Вечерната богослужба, Митрополитот г. Дамаскин, им се заблагодарил на двајцата гости архиереи, истакнувајќи за владиката Партениј, дека, „за нас е голем благослов, драги браќа и сестри, што со благословот на Неговата Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, денес ја имаме радоста и можноста да угостиме двајца одбрани и многу драги браќа, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски и игумен на Светата Обител на Чесниот Претеча Бигорски од Светата Охридска Архиепископија во Северна Македонија, г. Партениј и Неговото Преосвештенство епископот Назијански г. Атинагора од Америка, кој, пак, потекнува одовде“.
-Преосвештениот Антаниски се истакнува по својата пастирска и социјална дејност што ја извршува во област која во многу нешта има многу заеднички елементи со нашата област. Затоа што тоа е област каде што мнозинството од населението се иноверни. Тој, во такви услови, успешно ја развива православната присутност во таа посебна средина. Тој создаде духовни жаришта, четири манастири – еден машки и три женски, под негово духовно раководство, рекол г. Дамаскин.
Во продолжение, вели сестра Ефимија, тој му даде збор на нашиот Старец, епископ г. Партениј, кој возврати на неговото поздравно обраќање и се задржа повеќе на темата за насушната потреба од единство на православните браќа.
-Служиме денес во близина на историското место каде што се одиграла познатата Маричка битка, еден од пресудните настани кој донесе коренити промени во судбината на балканските Христијани. Како што сведочат историските записи, иако далеку побројни од Османлиите, Христијаните биле луто поразени. Тоа се случило не од недостаток на сила, ами по допуштение поради раскараноста и внатрешната поделеност на православните браќа. Оваа историска лекција, иако далечна по време, останува релевантна и за денешнината, и треба да ни послужи како поттик и потсетник дека само низ единство и меѓусебна љубов можеме да опстоиме и да се прикажеме пред светот како ученици на Оној Кој нова заповед ни даде: Да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. Впрочем, како што сведочи историјата, не само во времето на Маричката битка, туку и во многу други моменти, разделеноста меѓу Христијаните водела до пад и несреќа, нагласил во обраќањето владиката Партениј.
И денес, посочил, исто како во тие далечни времиња, Христијаните се соочуваат со искушенија и предизвици, особено со најголемиот проблем – поделеноста и непочитувањето на вековниот поредок во Црквата востановен од светите Отци и од Свештеното Предание.
-Затоа, во светлината на ова историско искуство, потребно е постојано да ја поткрепуваме и браниме верата што со големи жртви и подвизи ни е предадена, и да се стремиме кон духовно возобновување, не дозволувајќи да нè надвладеат искушенијата на раздорот и непослушноста, на световната надмоќ и на личните интереси. Оти, вистинскиот дух на нашето светоотечко наследство не е во надворешните политички структури, туку во верноста кон православните вера и начин на живот што ни го пренеле нашите Свети Отци. Ние, како потомци на ова скапоцено духовно наследство, сме повикани да останеме верни на единството и љубовта што ја краси нашата света Црква, од памтивек, па се до најново време, до Светиите што ги затекнавме, порачал владиката Партениј.