Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека дијалогот меѓу Косово и Србија е во ќорсокак, за што ја обвини српската страна, и дека не гледа излез од оваа ситуација, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната седница на собраниското Претседателство, Коњуфца пред нивинарите изјави дека појдовна точка на уништувањето на дијалогот е терористичкиот напад што се случи на 24 септември во Бањска.

„ Сметам дека во однос на перспективата на дијалогот, дијалогот е во ќорсокак од кој не гледам излез. За овој ќорсокак пред се Србија придонесе со своите постапки. Дијалогот во форматот во кој е од 2011 година беше уништен на 24 септември минатата година, со терористичкиот напад во Бањска, бидејќи информациите што ги поседува меѓународната заедница и нашите безбедносни институции, вклучително и разузнавачките, јасно покажуваат дека ова голема група од стотиците луѓе ја имаа поддршката од српската држава. Тоа што се случи во Бањска беше последниот клинец во ковчегот на дијалогот“, рече Коњуфца.

Собраниескиот спикер рече дека меѓународните фактори биле многу резервирани во однос на поделбата и расплетот на истрагите за терористичкиот напад во Бањска.

Но, според него, постои несовпаѓање меѓу она што го знаат и нивните постапки.

„Во општа смисла на оваа информација, знаеме дека меѓународните фактори знаат за поддршката на српската држава за нападот во Бањска. Очекуваме дејствија во согласност со она што го знаат. Она што го гледаме е несовпаѓање меѓу она што тие го знаат и потоа постапките на меѓународната заедница... затоа што за нас е чудно и неправедно што сé уште сме под санкции“, изјави Коњуфца.

Тој рече дека не очекува Косово да биде исклучено од Берлинскиот процес.

„Ако сме дискриминирани и поканети да учествуваме на нерамноправна основа со Србија, Косово не го прифаќа тоа. Би било многу подобро ако (германскиот емисар за Западен Балкан, Мануел) Сарацин и меѓународниците што доаѓаат во Косово, би биле повеќе загрижени за, на пример, недостатокот на какви било санкции во однос на Србија“, нагласи Коњуфца.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 04:37