Мировните сили на НАТО во Косово (КФОР) ја опишаа безбедносната состојба во државата како мирна, но нестабилна, особено во северниот дел на Косово, населен главно со Срби, известува весникот „Коха диторе“.

Во писмен одговор од Канцеларијата за информации на КФОР се истакнува дека НАТО спроведува независни патроли низ Косово, и тоа покрај граничната линија, како и заеднички патроли со косовската полиција и синхронизирани патроли со српските вооружени сили.

НАТО силите патролираат низ различни делови од Косово, а ова е потврдено преку нивен претставник. Во претходните недели, беа издадени соопштенија за патроли и во други градови надвор од северниот дел на Косово, посочува весникот.

Мисијата на НАТО нагласува дека патролите се доказ на долгогодишната и стабилна посветеност на Алијансата за мир и стабилност во Косово и на Балканот.

На прашањето за безбедносната ситуација по предупредувањата на косовската влада дека ќе го отвори мостот на реката Ибар во северниот косовски град Митровица, КФОР посочува дека ситуацијата е мирна, но нестабилна.

Косовската влада планира да го отвори мостот во етнички поделениот град Митровица, кој е затворен 25 години, но често беше причина за конфликти меѓу Србите на северот и Албанците на југот на градот.

„Генерално, безбедносната ситуација во Косово е мирна, но и понатаму е кревка, особено на северот на Косово. Внимателно го следиме развојот на настаните и одржуваме видливо и доследно присуство преку редовни патроли и ангажман со локалните заедници“, се вели понатаму во одговорот на мисијата.

КФОР посочи дека продолжува да работи во Косово како трет елемент за безбедносен одговор по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС).

НАТО додава дека продолжува со патролите и ја спроведува својата мисија според Резолуција 1244 на ООН.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 21:17