Претставникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, соопшти дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му пренел на денешната средба голема загриженост за состојбата во која се наоѓаат Србите на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Лајчак ова го напиша на својот профил на социјалната мрежа Х по средбата во Белград, која, како што додаде, била подготовка за следната средба на главните преговарачи.
-Нагласив дека треба да разговараме и да пронајдеме договорени решенија во рамките на дијалогот, наведе Лајчак.
Претседателот Вучиќ денеска на прес-конференција, по одвоените средби со Лајчак и со американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, рече дека во следните 72 часа ќе и се обрати на јавноста за тоа што бара Србија поради бруталниот напад врз српското население, пред се на северот на Косово.
Вучиќ истакна дека Белград е секогаш отворен за дијалог со Приштина и дека е подготвен да оди во Брисел за да го продолжи дијалогот со Курти.
-Но, Србија не е подготвена и нема да дозволи погром и прогон на нејзиното население, изјави Вучиќ.