Како што соопштија од кабинетот на Александар Вучиќ, претседателот на Израел Исак Херцог ќе престојува во официјална посета на Србија, каде домаќин ќе биде претседателот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Во рамки на посетата на Белград, двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а ќе се одржи и пленарен состанок на делегациите на Република Србија и на државата Израел.

-Двајцата претседатели потоа ќе се обратат пред медиумите, а ќе имаат и воведни говори на тркалезната маса на тема „Синергија во иновациите, разговори меѓу Србија и Израел“, соопштија од Канцеларијата за соработка со медиумите на претседателот Вучиќ.

Амбасадорката на Израел во Србија Авивит Бар-Илан изјави денеска во разговор со претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, дека во израелската делегација се планира да бидат „луѓе од областа на економијата, што е од голем потенцијал за двете страни заради развивање на односите“.

Брнабиќ изрази уверување дека утрешната посета на претседателот на Израел „ќе даде важен импулс за нова фаза во развојот на билатералните односи“, кои се оценети како традиционално добри, соопшти прес-службата на парламентот.

Според израелскиот Тајмс оф Израел, утре покрај Белград, Херцог ќе ја посети и Албанија каде е најавена средба со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.

Весникот потсетува дека шефот на ЦИА Бил Барнс минатиот месец ја посети Србија и дека израелската безбедносна ситуација била една од темите на разговорот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2024 04:19