Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику се сретна денеска со новиот шеф на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Аиво Орав, кого го информирал „за позициите на ЛДК во однос на последните политички случувања во земјата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страницана Фејсбук, ЛДК соопшти дека Абдиџику го информирал европскиот дипломат за подготовките за следните избори на 9 февруари 2025 година, а ја претставил и политичката програма на партијата, насловена „Новиот пат“.

„Претседателот Абдиџику на оваа средба му посака на амбасадорот Орав успех на новата задача и изрази уверување дека соработката меѓу Косово и ЕУ ќе продолжи во духот на заедничките вредности и принципи“, се наведува во соопштението.

Абдиџику му се заблагодарил на Орав за „континуираната соработка меѓу ЕУ и Косово“.

Словачкиот дипломат ја презеде функцијата шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово на почетокот на овој месец и досега се сретна со претседателката на државата, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и други институционални и политички претставници во Косово.

Амбасадорот Орав, кој претходно беше постојан претставник на Естонија во ЕУ и шеф на делегациите на Унијата во Црна Гора и Северна Македонија, на чело на Мисијата во Косово го наследи чешкиот дипломат, Томаш Суниог.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2024 04:19