Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби вечерва од француски ПСЖ на гостувањето во Париз со 31-29 (18-13), но и покрај поразот не разочара на стартот од новата сезона во Лигата на шампиони (ЛШ).
Францускиот тим во 41. минута имаше предност од највисоки плус осум голови разлика (25-17), но битолскиот тим предвреме не се предаде и го однесе натпреварот во неизвесна завршница во која на 19 секунди до крајот фаворизираниот домаќин имаше предност гол предност (30-29).
ПСЖ го реализираше последниот напад и преку Лук Стеинс стави точка на поразот на Еурофарм Пелистер, кој, сепак, со прикажаната игра, особено во завршните 19 минути, навести дека оваа сезона во ЛШ ќе биде многу поуспешна од ланската во која не забележа победа.
Најефикасен вечерва во редовите на македонскиот првак беше Филип Кузмановски со осум голови, а два помалку реализираа Жарко Пешевски и Нејц Цехте.
Битолскиот тим настапите во ЛШ ќе ги продолжи на 18 овој месец кога ќе го пречека германски Фуксе Берлин.