Палеонтолошкит локалитет „Змијовец" во неготинско е прогласен за природна реткост, информираа попладнево од Министерството за животна средина и просторно планирање на нивната Фејсбук страница. Оттаму појаснија дека прогласувањето е со решение донесено од министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и е објавено во Службен весник на РСМ.

- Палеонтолошкиот локалитет ,,Змијовец" се наоѓа на подрачјето на општина Неготино, а оваа категоризација ја има добиено заради уникатната фосилна фауна што се наоѓа во околината на селото Долни Дисан, Неготино. Дел од видовите кои се пронајдени на овој локалитет се уникатни и не се пронајдени на ниту еден од останатите палеонтолошки локалитети во нашата држава. Фосилните фрагменти од локалитетот „Змијовец“ се пронајдени во жолто - кафеавите седиментни глинести и песочни слоеви и потекнуваат од доцен миоцен. Во систематски поглед сите пронајдени видови, кои на локалитетот „Змијовец” засега се претставени со 6 редови, 13 фамилии и 19 таксони, припаѓаат на класата плацентални цицачи (Mammalia, Placentalia), појаснија од Министерството.

Нагласуваат дека спроведувањето на активности и дејствија во непосредна околина на Палеонтолошкиот локалитет - Змијовец, општина Неготино, како што се изградба на пристапни патеки и уредување на места за одмор и релаксација, како и спроведување на други активности за уредување и користење на просторот на природната реткост, треба да обезбеди висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност, во насока на обезбедување на соодветно управување со природната реткост.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2024 04:09