Националната установа Музеј Куманово со изложби, промоции, едукативни програми одбележува шеесет години од постоењето на установата, информираа денеска надлежните од установата. Тие ги поканија граѓаните да присуствуваат на настаните со кои се промовира придонесот на установата за развој на културата и културното наследство на градот.

- Славиме шеесет годишен јубилеј. Декември беше посветен на шест децении од постоењето. Граѓаните ја проследија изложбата „Сеќавања на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски. На 16 декември беше отворен изложбата на светскиот реномиран академски уметник, Синиша Кашавелски, колекција „Енигма“. На 21 декември, самата установа во уметничка галерија Куманово ќе ја презентира изложбата за развој на музејот и неговите постигнувања на кој ќе го видат историскиот развој на установата, на различните одделенија, дел од изложбите на археолозите, на НОБ во Куманово, уметнички дела од депото на уметничката галерија, етнолошки филм. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и изложбата 50 години јубилеј ликовна колонија „Куманово“ (1974-2024), изјави директорката на установата Марија Живачки.

Инаку, Музејот секоја година бележи се поголемо присуство на странски посетители на Кокино, на меморијалниот центар АСНОМ и на спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош.

- Во текот на целата година имаме постојано посетители, изложби од врвни уметници од земјава и странство. Во јануари очекуваме доста одобрени проекти, а програмата за 20204 е завршена, изјави Живачки.

Музејот е основан во 1964 година и оттогаш преку своите изложби и активности, игра важна улога во чувањето на историските сведоштва, уметничките и етнолошките колекции. Тој е дом за бројни археолошки, етнолошки, историски и уметнички предмети кои ги отсликуваат различните периоди од развојот на овој регион. Со настаните организирани во чест на јубилејот се слават значењето и придонесот на установата за развој на македонската култура. Музејот е формиран 1964-та година, како историски музеј, во 1979-тата година прераснува во Народен музеј, 2004 станува национална установа музеј на Куманово. Тој е еден од најзначајните културни центри и има долгогодишна традиција во собирање, чување, истражување, документирање и презентирање на културното наследство. Во континуиран раст, преку своите изложби, промоции, едукативни програми и други културни и уметнички активности, НУ Музеј Куманово ја докажува својата трајна посветеност кон збогатувањето на индентитетот на Куманово и Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 03:49