Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ денеска изјави дека Владата му наложила на Министерството за одбрана итно да подготви измена на Законот за укинување на суспензијата на воениот рок, „така да одиме кон седница на Собранието за да го вратиме воениот рок“, јави дописникот на МИА од Белград.
- Мислам дека в петок ќе имаме седница на Владата на која ќе го усвоиме предлогот за измена на законот. Го поканивме претседателот на државата Александар Вучиќ како врховен командант да присуствува бидејќи темата е во рамките на неговата уставна јурисдикција, изјави Вучевиќ на ТВ Пинк.
Тој потврди дека воениот рок ќе трае 75 дена, „што не го нарушува животот, школувањето, студирањето, работата, мајките и татковците ќе бидат суштински благодарни затоа што војската ќе ги подготви нивните синови уште подобро за живот, така што тие ќе стасаат и ќе станат мажи“.
-За војската ова е предизвик да подготви обука за толку краток временски период, бидејќи порано таа беше многу подолга. Подготвуваме касарни, униформи, за да им биде интересно, изјави Вучевиќ.
Тој изјави дека момчињата кои завршиле електротехника, машинство, ќе бидат ангажирани да служат воен рок во, на пример, Воено-техничкиот институт, ремонтни заводи за да може веднаш да се употреби нивното знаење.
- Ќе имаме доста млади луѓе кои се мајстори за возење дронови, кои ќе ни помогнат во ова. Тие се повеќе смртоносни со дрон отколку со пушка. Војската ќе добие многу различен потенцијал да ги зајакне своите способности, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека Србија не се подготвува за војна, туку ќе го чува мирот, бидејќи „колку е посилна војската, толку е побезбеден нашиот мир“.
Српскиот премиер нагласи дека професионалниот состав на војската не се укинува и дека е наменет за најтешките задачи