Сакам да го изразам моето големо задоволство за ресорот одржлив транспорт и туризам, за кое е избран Апостолос Ѕиѕикостас во новата Европска комисија, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, откако фон дер Лајен го објави составот на новата ЕК, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека ресорот ја истакнува геополитичката важност на Грција во поширокиот регион и ја надградува позицијата на земјата во поврзувањето и транспортот, особено на Балканот.

-Со самото тоа што во името на ресорот е вклучен и туризмот е голем успех за нашата земја. Успеавме и ја убедивме Европската комисија дека туризмот заслужува свое место во европските политики. А неговиот простор е грчки, бидејќи Грција е пионер во одржливиот развој на туризмот и може да придонесе со предлози и иницијативи во насока на одржлив туризам и подобрување на инфраструктурата. Ресорот исто така ја истакнува геополитичката важност на Грција и нејзината стратешка позиција како земја-порта за трговија, енергија и вмрежување, како кон Западен Балкан и Источна Европа, така и кон североисточниот дел на Медитеранот, напиша Мицотакис.

Додаде дека ресорот ја одразува надградбата на позицијата на Грција и нејзината важна улога „во поврзувањето и транспортот, особено кон поширокиот дел на Балканот, регион кој сè уште бара зајакнување на својата инфраструктура“

Истакна дека Грција доби портфолио надлежно за важни проекти и ресурси на ЕУ, како што е Connecting Europe Facility (CEF), односно финансиска алатка на Унијата за стратешки инвестиции во транспортните мрежи, енергетиката и дигитализацијата.

Паралелно објасни дека во надлежностите на новиот комесар е и поморски транспорт.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2024 13:26