Туниската тенисерка Онс Џабер објави дека ја завршува сезоната поради повреда на рамото.
„Оваа година беше исклучително тешка за мене. Поради мојата постојана повреда на рамото, мојот лекарски тим и јас донесовме тешка одлука да ја завршиме турнејата оваа сезона“, напиша Џабер на социјалната мрежа Икс.
Џабер, 22. рангирана тенисерка во светот, додаде дека ќе се врати на теренот на следниот Австралија опен, кој ќе се одржи во јануари 2025 година, а дотогаш планира да се занимава со хуманитарна работа.
Туниската тенисерка ги прескокна Олимписките игри во Париз за да биде во подобра физичка кондиција, но подоцна мораше да се повлече од турнирот во Вашингтон на почетокот на август. Во првото коло на турнирот во Торонто загуби од Наоми Осака, а се повлече од турнирот во Синсинати.