Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Грција Софија Филипиду.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, на средбата беше разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, потенцијалите и можностите за унапредување на соработката, во функција на градење на добрососедство засновано на меѓусебна доверба и разбирање. Во таа насока, претседателката изразила очекување за поддршка од Грција на политиката за проширување и на нашите европски аспирации.
На средбата со грчката амбасадорка биле разменети мислења и за Преспанскиот договор и неговата имплементација, при што претседателката ја нотирала важноста од негова доследна примена од сите страни кои се обврзале на него.
- Претседателката Сиљановска Давкова на средбата ги реафирмираше заложбите за натамошно унапредување на партнерството и искреното пријателство со Грција. Таа ја нагласи добрата соработка во областа на одбраната, потенцирајќи ја важноста и од јакнење на економската соработка, трговската размена, инфраструктурното поврзување, како и соработката во областа на образованието, културата и туризмот, како предизвици на кои треба заеднички да се фокусираме во интерес на благосостојбата и зближувањето на народите на двете земји, се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.