Владата на Кипар на денешната владина седница донела одлука за електричното поврзување со Грција преку проектот „Great Sea interconnector“, објави кипарската новинска агенција ЦНА, повикувајќи се на свои извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Официјалните детали за одлуката попладнево ќе ги соопшти надлежниот министер за енергетика, трговија и индустрија Јоргос Папанастасиу.

Кипарското издание на весникот „Катимерини“ пишува дека најверојатно „Владата го одобрила договорот постигнат на министерско ниво за геополитичкиот ризик меѓу Кипар и Грција (50:50 отсто) како и наплата на трошоците на проектот во износ од 25 милиони евра за пет години од Фондот за загадување“, додека пак според истите информации „останува непознато дали одлуката вклучува учество на Кипар во акциите за кабелот“.

Во изминатиот период беа интензивирани дискусиите и консултациите меѓу Кипар и Грција за електричното поврзување, а кипарскиот претседател Никос Христодулидис минатата седмица рече дека „постои напредок во разговорите“.

За четврток е закажана посета на Христодулидис на Грција и средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а доколку се потврдат информациите во кипарските медиуми дека е постигнат договор, тоа ќе значи дека во Атина ќе допатува со позитивна одлука.

Проектот „Great Sea interconnector“ во висина од околу два милијарди евра предвидува поврзување на Кипар со Европа преку Грција, а електричниот кабел во иднина да се прошири до Израел со што ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот во вкупна должина 1.208 километри.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2024 15:49