На ден пред почетокот на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на Широк сокак во Битола се оформува „Патека на славните“ на која се поместени 18 ѕвезди.

На првата ѕвезда, пред киното „Манаки“ врежани се имињата на кинематограферите Милтон и Јанаки Манаки, а потоа следат имињата на сите досегашни добитници на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат во Битола и лично ќе ја откријат својата ѕвезда, меѓу нив и годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.

Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер, вдолж од киното Манаки, покрај куќата во која живееле браќата Манаки и се до Офицерски дом.

Фестивалот почнува утревечер и се отвора со филмот „Партенобе“ на Паоло Сорентино, а завршува на 27 септември со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оравчанец.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2024 16:45