Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, во соработка со CACIM - Camera di Commercio Italiana per la Repubblica di Macedonia del Nord, и со поддршка од Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светска банка, успешно организираше бизнис форум во Казерта. Настанот привлече претставници од повеќе индустрии од агробизнисот и секторот за преработки од храна, металната индустрија, електрониката, дрвната индустрија и финансискиот сектор.
Форумот беше отворен од страна на Претседателот на Италијанско-македонската стопанска комора, Енрико Петрела, кој го потенцираше значењето на економската соработка меѓу Италија и Северна Македонија, како и интересот на италијанските компании за проширување на своите бизниси во Северна Македонија.
Директорот на Агенцијата, Рефик Џемаили, во дел од своето обраќање изјави: “Односите меѓу Северна Македонија и Италија се засновани на взаемно почитување и соработка. Италија е наш долгогодишен партнер, и веруваме дека Северна Македонија може да биде клучен пат за италијанските компании кои сакаат да ги прошират своите активности на Балканот и пошироко.”
На форумот од страна на Агенцијата беа презентирани детални информации за стратешките предности на Северна Македонија, поволната бизнис клима, потенцијалите за раст и развој во клучните индустрии, како и стабилните макроекономски политики на земјата.
Пред бизнис заедницата и компаниите присутни на форумот свое обраќање имаше и градоначалникот на Казерта, Џорџио Маглиока. Присуствуваа ценети гости од политичкиот и општествениот живот во Казерта, претседатели на неколку стопански комори од Казерта и регионот кои во своите обраќања ги споделија своите мислења за инвестициската клима во Северна Македонија, истакнувајќи ја политичката стабилност, бизнис-ориентираните политики на Владата, склучените трговски договори со Европската унија и регионалните партнери како клучни фактори за инвестирање.
Тие изразија оптимизам за идната економска соработка помеѓу Италија и Северна Македонија, нагласувајќи дека индустриите презентирани на форумот совршено се вклопуваат со индустриските силни страни на Италија.
На форумот беше истакнат и значителен интерес за инвестирање во земјоделието, преработката на храна и финансискиот сектор. Ова е само почеток на нови иницијативи и проекти кои ќе придонесат за економскиот развој на двете земји.
24.09.2024 година - Во рамки на дводневната посета на Италија, директорот на Агенцијата оствари посета на две компании од агробизнис секторот и секторот за преработка на храна, лоцирани во Казерта, и ги претстави потенцијалите и можностите на Северна Македонија. Едната компанија, која од пред еден месец веќе е присутна со своите производи на пазарот во Северна Македонија, со можност за зголемување на своето присуство во нашата земја, додека втората компанија од агробизнисот има потенцијал за поврзување со македонските компании и воспоставување на деловна соработка.