Џони Кеш, една од најголемите американски музички ѕвезди, доби своја статуа висока речиси два и пол метри во Капитол на САД. Статуата е донирана од неговата матична држава Арканзас и беше свечено претставена синоќа.

Кеш е првиот музичар кој доби статуа во американскиот Капитол. Поставена е во Холот на еманципацијата во Центарот за посети на Капитол, и е дел од Националната колекција на статуи.

На церемонијата присуствуваа и спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, лидерот на парламентарното малцинство Хаким Џефрис, и стотина пријатели и членови на семејството на „Човекот во црно.“

Розен Кеш, едно од децата на Џони Кеш, во изјава на социјалните мрежи рече дека откривањето било „еден од најзабележителните денови во мојот живот“.

Бронзената статуа е изработена од Кевин Кресе, сликар и скулптор од Литл Рок. Според архитектот на Капитол, тој користел мерки од кројачот на Кеш и се консултирал со неговото семејство за да ја усоврши сличноста.

Статуата го прикажува Кеш на околу 40-годишна возраст, во „I walk the Line“ поза во која Кеш е со поднаведната глава, гитара преку грб и Библија на гради. На една страна е напишан текст од песната на Кеш „Човек во црно“, а на другата цитат од легендата: „Целиот свој живот ќе се соочувате со избор. Можете да изберете љубов или омраза. Јас ја избирам љубовта.“

Националната колекција на статуи се состои од по две статуи донирани од секоја држава и изложени низ целиот Капитол. Други историски личности кои се претставени ги вклучуваат Хелен Келер од Алабама, Били Грем Џуниор од Северна Каролина и кралот Камехамеха I од Хаваи.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2024 05:11