Јошио Китагава, јапонски кинематографер, чиј филм „Зло не постои“ вчера беше прикажан на „Браќа Манаки“ во рамките на Официјалната селекција Камера 300, на денешната прес конференција говореше за искуствата при снимањето со режисерот Рјусуке Хамагучи, со кој веќе го сними „Среќен час“.
Китагава истакна дека имале и други соработки при снимање на кратки филмови и истакна дека е среќен што има можност да работи со него по големиот успех со филмот „Вози ја мојата кола“.
-Со овој филм тој стана многу популарен во Јапонија, но и во странство, но сепак за филмот „Зло не постои“ не доби многу голем буџет. Композиторката со која соработувале на филмот „Вози ја мојата кола“ му понудила да ја визуелизира нејзината музика на фестивалот на филм во Гент, Рјуске го прифатил тоа , а потоа и јас и така почна соработката, рече Китагава.
Такуми и неговата ќерка Хана живеат во едно село близу Токио. Како и нивните предци, тие живеат скромни животи што ги следат циклусите и редот на природата. Еден ден, кога од Токио пристигнуваат претставници на една компанија за да го претстават планот за изградба на гламурозен камп („гламп“) кој ќе им понуди на жителите на градот можност за луксузно „бегство во природа“, станува јасно дека проектот ќе му наштети на локалното водоснабдување.
-Актерите не се професионалци и одлично ја презентираат идејата дека не е се црно и бело, и дека злото некогаш постои, а некогаш не. Филмот ја тера публиката да мисли што ни значи природата и да доаѓа во кино-салите, порача Китагава, заблагодарувајќи се на прекрасното искуство да биде дел од програмата на „Браќа Манаки“.
Во Европската Lo-Sap програма, вчера публиката можеше да го погледне филмот „Бегај“ на казахстанскиот кинематографер Азамат Дулатов.
Филмот го прикажува Казахстан во времето на Советскиот Сојуз, во 1930-те години, време обележано со брзата колективизација на фармите на Сталин и со најбруталниот глад што некогаш го видел модерниот свет. Локалниот гробар Исатај мора да се соочи со тежок избор.
-Пред снимањето на филмот веќе сум работел на музички видеа и реклами со режисерот и постојано разговаравме да снимаме филм и овој пат одлучивме да го направиме тоа. Направивме подготовки со сценариото, актерите, баравме локации и откако се подготвивме почна снимањето. Токму поради добрата подготовка снимањето одеше многу мазно, рече Дулатов на денешната прес конференција, и потенцираше дека во мајсторството на прикажувањето на сцените кои се снимале во степите многу му помогнала неговата едукација, бидејќи, како што рече има дипломирано ликовна уметност.
Кинематограферката Јошико Такано, преку камерата раскажа интересна проказна со документарниот филм „Гама“.
Во Окинава, местото каде што кон крајот на Втората светска војна се случиле интензивни копнени битки, постојат многу природни пештери наречени “ГАМА”. Мицуо Мацунага собира остатоци од битката за Окинава и опишува како цивилите кои учествувале во војната се засолниле во ГАМА.
-Се обидовме да ја раскажеме историјата на ГАМА во Окинава. ГАМА пештерите за многумина не се познати во Јапонија, но на овој начин преку филмот ќе се запознаат со овие засолништа. Во документарниот филм внесовме визуелна поезија, а гледачот преку очите на девојчето ги следи настаните, раскажа Такано, која посочи дека снимале во ноември бидејќи тоа е најповолниот период за снимање бидејќи во тој предел е многу топло.
Во кратката програма вчера беа прикажани неколку филмови. На денешната прес конференција за своите искуства во соработката со режисерите проговорија кинематограферите: Душан Кардалевски, Кинан Масарани и Петер Колањи.
-Од една страна е тешко да се работи со режисер, во мојот случај тоа е сестра ми, но од друга страна е полесно за некои работи. Таа е многу прецизна, и кога ќе го подготви филмот доаѓа со книга и веднаш кажува како сака снимањето да изгледа и тоа е едноставно за работа, рече Кардалевски, кој е кинематографер на филмот „Состојба на умот“ во режија на Александра Кардалевска, кој говори за, случајната средба меѓу еден фотограф и една мистериозна девојка води до ноќ на заедничка интимност и конекција. Но, новиот ден открива скриена вистина, што фрла сенка врз нивната романса.
-Прв пат снимав со „Сони“ камера, користев светлина од излозите во близина, набавив и филтри, но поради големата загаденост на воздухот додека снимавме немаше потреба да ги користам, рече Кардалевски кој подвлече дека снимале едно попладне и една ноќ.
Одговарајќи на новинарско прашање Кардалевски посочи дека состојбата во македонскиот филм е можеби најтешка во моментов од било кога, но дека се надеваат оти ќе дојдат подобри времиња. Исто така тешка е состојбата и со копродукциите и за долгометражни и за краткометражни филмови, но ако имате добра проект, добро сценарио, сепак е можно.
Кинан Масарани, кинематограферот на филмот „Добро момче“ , кој е всушност прв филм на режисерот Пол Венсан Де Лестард, рече дека немало потреба да го води како поискусен бидејќи Пол бил мошне сигурен и веќе имал снимено студентски филм и немало потреба од поголема помош Филмот ја раскажува приказната за Максим има шеснаесет години. Како надежен пливач, тој е на пат да се запише на студиска програма за спорт. Едно попладне, полицијата го прекинува тренингот за да разговара со неговиот тренер, кој е обвинет за сексуална злоупотреба од страна на еден од младите пливачи во клубот.
Петер Колањи, пак, со режисерката Ребека Румел се познавале од училишните денови и немале потешкотии во соработката одлично се познавале.
Приказната на филмот „Оддалечување“ говори за тоа кога Вера оди во советското одморалиште за да му се придружи на својот сопруг астронаут, Алексеј, летната идила е нарушена од сомнежите за сопругот, што тајно ѝ ја загорчуваат душата