Ефектите од намалувањето на цените на прехрамбените и земјоделските производи ќе се видат до крајот на октомври или почетокот на ноември со спроведувањето на Законот за нефер трговски практики. Во меѓувреме се променуваат договорите меѓу производителите и добавувачите од една и трговците од друга страна за ограничување на рабатот на 10 насто што ќе ги намали цените на 2 547 земјоделски и прехранбени производи опфатени со Законот.
Ова денеска во Прилеп го изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Денеска започна примената на Законот за нефер трговски практики, донесен во март годинава по европска директива, а за првпат се спроведува во Македонија, и воопшто, во земја од Југоисточна Европа.
Со Законот за нефер трговски практики, рабатот ќе биде ограничен на 5 проценти и останатите трошоци, како што се маркетниг, рекламирање на производите, работниците ангажирани околу тие производи во маркетите, ќе биде ограничено на 5 проценти, или вкупно околу 10 проценти ограничувања. Ставовите се усогласени со стопанските комори. Спроведувањето на законот ќе го контролира Комисијата за заштита од конкуренција.
- Од понеделник ќе видиме како се усогласува Законот за нефер трговски практики, а првичните информации ќе ги имаме од Комисијата за заштита од конкуренција. Од она што како Министерство го имаме како информација е дека договорите меѓу производителите и добавувачите со трговците се променети за да се усогласат со Законот и процесот е во тек, до понеделник. Законската обврска беше до до денеска, 28 септември сите договори да бидат променети, освен оние кои имаат рокови и ќе траат додека е нивната важност. Потоа ќе се променат според новите правила и регулативи во Законот за нефер трговски практики, објаснува заменик министерот за економија Марјан Ристески.
Според Ристески, видливи се ефектите и од мерките за есенската потрошувачка кошничка. Има намалувања од 6 до 12 проценти, а на терен е пазарната инспекција.
- Од она што го кажуваат пазарните инспектори и граѓаните, имаме намалување на цените на 73 производи по категории. Инаку бројката опфаќа 500 до 600 производи, опфатени со оваа есенска кошничка. Веќе намалувањата изнеснуваат од 5 до 12 проценти, во зависност од производите и во зависност од големината на маржата што ја имале претходно, изјави денеска заменик минсиерот за економија, Марјан Ристески.