Крис Кристоферсон, влијателен американски пејач и текстописец, како и успешен глумец, почина во саботата на 88-годишна возраст, соопшти неговото семејство.

Кристоферсон починал мирно во својот дом на островот Мауи, Хаваи, САД, опкружен со семејството. Причината за смртта не е наведена.

Кристоферсон е роден во Браунсвил, Тексас на 22 јуни 1936 година. По дипломирањето на колеџ во Калифорнија, каде што играл и рагби, продолжил на Универзитетот во Оксфорд, а потоа ја следел семејната традиција, па отслужил и војска.

Кристоферсон се пробил во светот на музиката како текстописец во главниот град на кантри-музиката - Нешвил. Неговите текстови за хитовите „Help Me Make It Through the Night“, „For the Good Times“ и „Me and Booby McGee“ - една од последните песни отпеана од Џенис Џоплин, беа наградени со „Греми“.

Зад себе има и околу 120 улоги во филмски и ТВ-продукции.

Кристоферсон и неговата трета сопруга Лиза, со која се оженил во 1983 година, живееја на хавајскиот остров Мауи повеќе од 30 години. Тој имаше осум деца.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2024 05:26