Со проекција на филмот „Последниот пат кога бевме деца“ на комичарот Клаудио Бизио, синоќа во салата на киното „Милениум“ почна 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. На проекцијата на филмот присуствуваа повеќе од 400 млади од осум земји, а денеска ќе почнат и првите филмски проекции и работилници.
Директорот Дарко Башески синоќа на отворањето на фестивалот им посака на учесниците да бидат редовни, да учествуваат, да се осмелуваат да кажат што мислат, но, најмногу од сè, да се забавуваат.
-Клаудио Губитози, идејниот творец на „Џифони Италија“ пред 12 години виде потенцијал во нас и веруваше и повеќе од нас самите дека ќе направиме фестивал. Неговиот дух нè води сиве овие години да одиме напред, рече Башески.
Од денеска почнува работниот дел на фестивалот. Утрово сите пријавени џифонци започнуваат со регистрација, а во 10 часот ќе почнат и првите филмски проекции и работилници.
Најмладите учесници - јуниори (од шесто до деветто одделение) во Кинотеката ќе го проследат филмот „Планета 7693“, во режија на Гојко Беркуљан. Филмот е продукција помеѓу Црна Гора, Србија и Македонија. Во Младинскиот културен центар од денеска се среќаваат сениорите и кадетите. Освен краток игран филм, кадетите денеска ќе го гледаат холандско-белгискиот „Кога изгубивме од Германците“. Највозрасните џифонци, односно сениорите (трета и четврта година средно) ќе го гледаат италијанскиот „Моето лето со Ирене“ во режија на Карло Сирони.
Како што соопштија организаторите, од денеска почнува и програмата Edu Cuts разговори, што е дел од Edu Cuts конференцијата, а ќе почне со презентација на младинска филмска продукција, за зајакнување на младинската креативност. Ќе бидат презентирани резултатите од работилниците што се реализираат во рамките на проектот Edu Cuts, од работилниците што во изминатиот период беа реализирани под менторство на платформата First Film First и 20 млади автори ги развија своите први филмски проекти. Во јули во Сараево околу 30 млади учествуваа на работилница со продуцентот Милан Стојановиќ, каде научија многу за филмска продукција. На работилницата Teen Doc во Ужице, повеќе од 20 луѓе учеа како да снимат краток документарец и како резултат на тоа, веќе се снимени четири филма. Исто така, на PriFest во Приштина и работилницата „Кино Кабаре“ беа снимени уште неколу филма, како и на Creative Yees работилницата 20 млади од Косово и Македонија снимија кратки филмови и поткасти.
Мрежата Edu Cuts ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Како што е најавено, денеска ќе се одржи и средба со јутјуберот Иван Ајнштајн. Познат по своите хитови „Да ти врне“ и „Хакуна Матата“, овој музичар во исто време е и видеомонтажер и камерман.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Џифони Експириенс, Агенција за филм, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, RYCО со Youth Cultural Fund, Пакомак