Филмот „'Рѓа“ (Rust) ќе биде премиерно прикажан на филмскиот фестивал „Енерга-камеримиџ“ (EnergaCamerimage) во Полска следниот месец - три години откако кинематографката Халина Хачинс беше убиена за време на снимањето. Светската премиера ќе се случи на 23 ноември, проследена со панел-дискусија со режисерот на филмот Џоел Соуза, кој исто така е повреден на снимањето, како и кинематографите Бјанка Клајн и Стивен Лајтхил.

„Снимателите ќе разговараат за настаните околу филмот, нудејќи увид во продолжувањето на продукцијата по смртта на Халина. Одржувањето на уметничката визија на Хачинс беше навистина важно за филмаџиите бидејќи се надеваа дека ќе ја исполнат својата должност да ја завршат нејзината работа“, се вели во најавата.

Хачинс (42) беше убиена со пиштол што го користел глумецот и продуцент Алек Болдвин. Во оружјето, наместо лажни куршуми имало вистински куршум. И Болдвин беше обвинет за убиство од небрежност, но Судот го ослободи од обвиненијата.

Хана Гутјерез Рид, која беше задолжена за огненото оружје на снимањето на филмот, беше осудена за убиство од небрежност во март. Таа издржува казна од 18 месеци.

„'Рѓа“ раскажува за 13-годишно момче, оставено да се грижи за себе и својот помал брат по смртта на нивните родители во Вајоминг (САД) во 1880-тите. Детето се впушта во бегство со својот отуѓен дедо откако овој е осуден на бесење за случајно убиство - според описот на филмот.

Алек Болдвин нема да присуствува на првото прикажување, објави „Холивуд репортер“ (The Hollywood Reporter).

Вдовецот на Хачинс првично поднесе тужба против Болдвин и другите вклучени во продукцијата на филмот. Сѐ тoa се заврши со спогодба склучена лани, при што не се објавени подробности.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2024 06:16