Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија во периодот јануари – август 2024 година изнесува 5 190,2 милиона евра и бележи пад од 5,7 отсто во однос на истиот период лани, додека вредноста на увeзената стока е 7 341,3 милиони евра, што е за 0,6 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), трговскиот дефицит е 2 151,2 милиони евра, а покриеноста на увозот со извоз 70,7 отсто.

-Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица, наведува ДЗС.

Во периодот јануари - август 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2024 17:34