Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција во Владата рече дека кога ќе биде готово решението како да продолжат преговорите за евроинтегративниот пат на државата, јавноста ќе биде информирана.

- Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграциските процеси секогаш е отворена пред граѓаните со јасно изразени услови. Кога ќе се создадат услови, јавноста ќе биде информирана, рече Митева.

Најголемата опозициска партија од македонскиот блок денеска повторно побара од Владата да каже каков е планот за евроинтегративниот процес на државата.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во изјава за медиуми рече дека во наредниот период ќе ги користат сите механизми, вклучувајќи и свикување собраниска седница, со цел да обезбедат одговор од премиерот во врска со евроинтеграциите на земјава.

- Ние мора да знаеме кој е планот на Владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат. Нашата идеја за собраниска седница е затоа што Собранието е местото каде што носат одлуки. Премиерот има многу најави за некаква поддршка од некои држави за менување на Преговарачката рамка со која наводно би се подобрила состојбата на нашата држава во процесот на евроинтеграции, но сето тоа е обвиено со некаква мистерија и не знаеме детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти пред народните избраници и на граѓаните. Сега откако еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што нема ниту политичко, ниту етичко, ниту морално право, тој треба да направи нешто што очекува огромното мнозинство граѓани. Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира премиерот во неговите изјави дека наводно има најави за поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство, бидејќи самиот министер кажа дека во ЕУ во ниту една држава нема расположение за таква работа. Тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во владата кои создаваат впечаток на целосна безперспективност мора да се расчистат во Собранието. Ние мора да знаеме кој е планот на владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат, рече Филипче.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2024 19:30