Италијанскиот тенисер Јаник Синер и Србинот Новак Ѓоковиќ ќе играат во утрешното машко финале на Мастерс турнирот во кинескиот град Шангај.
Прворангираниот тенисер на АТП листата Синер во денешното полуфинале го совлада Чехот Томаш Махач (33. АТП) со 2-0 во сетови (6-4, 7-5), за еден час и 44 минути игра.
Во второто полуфинале, четврторангираниот на АТП листата Ѓоковиќ со идентични 2-0 (6-4, 7-6) го совлада Американецот Тејлор Фриц (7. АТП). Дуелот траеше еден час и 55 минути.
Утрешното финале ќе биде осми дуел меѓу Синер и Ѓоковиќ, а српскиот тенисер води во меѓусебните пресметки со 4-3.
Турнирот во Шангај од серијата Мастерс 1000 се игра за награден фонд од девет милиони долари.