Италијанскиот тенисер Јаник Синер триумфираше на мастерс турнирот од серијата 1000 во Шангај, откако денеска во финалето го совлада Србинот Новак Ѓоковиќ со 7:6, 6:3.
Прворангираниот тенисер во светот до победата дојде по еден час и 36 минути, во дуел во кој немаше ниту една брејк-топка.
Во првиот сет тенисерите беа сигурни во своите сервиси и се играше тајбрејк. Синер почна добро, поведе со 4:0 и 5:1, Ѓоковиќ успеа да се доближи на 5:3, но потоа упати волеј во мрежата, а Синер го доби тај-брејкот со 7:4 и поведе во натпреварот.
Италијанскиот тенисер го одзеде сервисот на Ѓоковиќ во четвртиот гем од вториот сет и откако беше успешен на својот сервис поведе со 4:1. Предноста ја задржа до крајот и ја освои 17. АТП титула во кариерата, а третиот Мастерс оваа сезона.
Синер ќе ја заврши календарската година на врвот на АТП листата и ќе стане првиот Италијанец во историјата кому тоа му успеало.
Ѓоковиќ остана на 99 титули на АТП, 40 титули на Мастерс турнирите и четири трофеи на турнирот во Шангај.