Од први јули до 8 октомври годинава Царинската управа наплатила 35,4 милијарди денари (576,4 милиони евра) вкупни приходи што е за 3 милијарди денари (48,7 милиони евра) или 9,2 процента повеќе од истиот период лани. Бројот на заплени е зголемен за 60,2 отсто, а бројот на пријави за сторени кривични дела што ги поднела е зголемен за речиси три пати, рече денеска директорот Бобан Николовски, презентирајќи го сработеното во првите 100 дена.

Како што истакна Николовски, унапредени се соработката со бизнис заедницата, меѓуинституционалната и меѓународната соработка со цел подобрување на условите за водење бизнис и зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Директорот нагласи дека учеството на вкупно наплатените приходи од страна на Царинска управа во вкупните приходи на државниот Буџет е 41 отсто, а доколку се издвои учеството во даночните приходи, уделот на Царинската управа е 73 проценти. Воедно го поздрави успехот од работата на царинските службеници на ниво на царинарниците, напоменувајќи дека бројот на записници за непријавена стока споредено со лани е зголемен за 80 проценти. Ги издвои записниците за стока со сомневање дека повредува права на интелектуална сопственост кои се зголемени за 72 процента во однос на истиот период минатата година и потенцира дека се изречени вкупно 1 213 мандатни казни што е за 186 проценти повеќе од истиот период минатата година.

-Главни идентификувани потреби на деловната заедница се: натамошна примена на поедноставените постапки и поедноставување на постапката за добивање одобренија, натамошна дигитализација и обуки за новините во царинското работење, соодветни приоритетни ленти на граничните премини и eдукација за подобрување на интегритетот и професионалноста на царинските службеници, рече директорот.

-Нашите идни планови опфаќаат усвојување нова стратегија за интегритет со конкретни мерки за менување на свеста и перцепцијата за царинските службеници, одговорност, професионалност и отчетност; надградување на системот за обуки за сите нивоа, интензивирање на активностите на започнатите проекти и нивно навремено завршување, успешен почеток и имплементација на новите планирани проекти – за целосна дигитализација на процесите и надградба на инфраструктурните капацитети; целосно усогласување со законодавството на ЕУ, пред се на Царинскиот закон и Уредбата за спроведување; но и придонес за усогласување на сите други закони и акти по кои постапува Царинската управа како и градење на стабилна меѓународна соработка, истакна Николовски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која присуствуваше и се обрати на настанот, рече дека приходите од увозните давачки во јули бележат раст од 23,7 отсто, во август 8,9 и во септември 24,5, додека на акцизите во јули раст од 16,6 проценти, август 11,9 и септември 25,9 отсто.

- Ова јасно кажува дека Царинската управа не се штеди, работи согласно закон и дека кога сакаме можеме. Тоа значи дека нема повеќе увози коишто ќе бидат нелегални или увози кои ќе подразбираат процена на пониска вредност. Царината е првата контрола на увозот на стока во државата и од Вас понатаму зависи се. Приоритет е почитување на законите и да кажеме стоп на корупцијата и криминалот, нагласи Димитриеска Кочоска.

Помошник директорот на Секторот за контрола и истраги Влатко Лакордов ги презентираше оперативните резултати во делот на борбата со криминалот. Помошник директорот посебно се осврна на новиот интегриран систем за видео надзор и системот за автоматско препознавање на регистарски таблички. Помошникот директор за меѓународна соработка и ЕУ интеграции Слаѓана Дамјаноска ги презентираше проектите чија цел е подобрување и модернизација на инфраструктурните капацитети. Александар Проданов, шеф на службата во ИКТ, се осврна на проектите за натамошна дигитализација на постапките.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2024 22:26