Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за здравство Арбен Таравари се на став дека за законското решение за правична застапеност ќе има јавна дебата и дека Предлог законот треба да се испрати до Венецијанската комисија.
Меџити во изјава за медиумите рече дека се работи на драфт верзијата, а Таравари дека предлог решението е готово и дека се консултирани домашни и меѓународни експерти.
- Законот не е испратен во Влада, меѓутоа законот е готов, консултирани се експерти од земјава и меѓународни експерти и наскоро се надевам треба да се формираат работни групи во склоп на Владата, Парламентот и коалицијата за да излеземе со најдобро решение кое ќе биде како Предлог-закон кое потоа ќе се испрати во Парламентот, рече Таравари.
Портпаролката н Владата Марија Митева денеска на прес-конференција изјави дека до Владата досега не е испратено предлог-решение.
- Во овој момент нема такво решение коешто е проследено до Владата, ниту на владина седница и за истото веднаш штом се создаде можноста, јавноста ќе биде информирана. Во однос на Балансерот којшто е укинат веќе го кажавме ставот дека истиот ј заврши својата употребна вредност така што целиме кон затворање на прашањата коишто во минатото се покажале како непродуктивни и создавање на нови решенија кои ќе значат навистина правична застапеност, рече Митева на прес-конференција во Владата.
По укинувањето на Балансерот, од коалицијата „Вреди“ најавија дека подготвуваат предлог-законско решение.