Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна денесka со претставници на конзорциумот на компаниите "Hyundai Engineering" и "UGT Renewables", со кои е потпишан Договорот за реализација на Проектот за изградба на соларни самобалансирани соларни електрани, кои ќе обезбеди еден гигават новоинсталирана моќност преку соларни панели, јави дописникот на МИА од Белград.
Договорот за реализација на Проектот за изградба без управување и одржување на самобалансирани соларни централи со голем капацитет со вкупна инсталирана моќност од најмалку 1.000 MWAC/1.200 MWDC со батериски системи за складирање на електрична енергија со вкупна инсталирана моќност од најмногу 200 MW/400 MWh потпишаа министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и генералниот директор на ЕПС Душан Живковиќ.
Своите потписи пред конзорциумот ги ставија извршниот директор на UGT Renewables Адам Кортезе, претседателот и извршен директор на Hyndai Engineering Хјон Сонг Хонг и стратешкиот менаџер на филијалата на Hyundai Engineering во Белград, Санг Мин-Парк.
Потпишувањето на договорот Претседателот Вучиќ го најави минатата недела.
-Следната недела ќе го потпишеме договорот со УГТР. Цело време зборував за тоа со претседателот Бајден. И тој лично кажа колку е важна оваа компанија и колку е важно да продолжиме да инвестираме во енергетиката, бидејќи нема да имаме струја ако не побрзаме. Тој проект треба да ни донесе еден гигават новопоставена моќност преку соларни панели, рече Вучиќ
Владата на Србија на 10 октомври го усвои Заклучокот за проектот за изградба без управување и одржување на самобалансирани соларни централи со голем капацитет со батериски системи за складирање на електрична енергија во Србија, како проект од значење за Србија.
Со него се предвидува изградба на соларни централи на териториите на општините Неготин, Зајечар, Оџаци, Лебане, Лесковац и Бујановац. Проектот опфаќа развој, изградба, пуштање во употреба, управување и одржување на овие електрани две години по изградбата.
Владата наведе дека соларните централи ќе се состојат од фотоволтаични панели, носачи на соларни панели со системи за следење на движењето на сонцето, т.н. тракери, батериски системи за складирање на електрична енергија, како и придружна нисконапонска, среднонапонска и високонапонска опрема. Со овој проект се постигнуваат целите на енергетската транзиција и се исполнуваат меѓународните обврски, а ќе се елиминира потребата од увоз на електрична енергија и ќе се обезбеди долгорочно снабдување на потрошувачите по економски поволни цени.
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ и потсекретарот на Соединетите Американски Држави за економски раст, енергетика и животна средина, Хозе Фернандез, во септември во Вашингтон го потпишаа Договорот за стратешка соработка во енергетскиот сектор меѓу Србија и САД.