Поранешниот градоначалник на Косовска Митровица, Агим Бахтири, изјави дека мостот на реката Ибар, што ги дели северните и јужните делови на градот, ќе биде отворен по завршувањето на изборниот процес во Косово, по 5 февруари.
„По завршувањето на изборниот процес, по 5 февруари, мостот ќе биде отворен“, изјави Бахтари и додаде дека целата операција ќе биде изведена во соработка со КФОР и сите институции.
-Состојбата се подобрува, нормално е, нема никакви проблеми, северниот дел можете да го посетите нормално како и јужниот дел, додаде Бахтири.
Коссев пишува дека во изминатите неколку месеци повторно стана актуелна темата за отворање на мостот на Ибар по 25 години.
На тоа се противи мнозинското српско население, но и западните земји кои во моментов ја повикуваат Приштина на координација.
Од друга страна, косовската Влада, иако наведува дека се координира со меѓународните партнери, се противи на повиците да се разговара за ова прашање во Брисел.
Косовскиот премиер Албин Курти во изминатите неколку месеци рече дека „нема да ги изненади своите европски и американски партнери“ и дека со нив ќе работи на план за отворање на мостот, но дека нема да дозволи прашањето „да се протега на неодредено време“.
По најавите за отварање на мостот, КФОР во неколку наврати спроведуваше периодични обуки токму на овој мост.