Албанскиот премиер Еди Рама смета дека секогаш треба да се работи на подобрување на односите со соседите, дека тие односи треба да се негуваат и дека во оваа смисла го променил односот со Србија.
Тој го изјави ова за „Берлинер цајтунг“, на прашањето за неговите сегашни односи со Србија, пренесоа албанските медиуми.
-Соседите се соседи, не можете да ги изберете. Но, секогаш треба да работите на подобрување и негување на односите со нив. Баба ми беше мудра жена, немаше формално образование, но беше страстен читател. Таа секогаш велеше: „Среќни соседи, среќен дом“. Затоа целосно го сменив нашиот однос со Србија, рече Рама.
Додава дека Албанија и Србија биле целосно разделени се додека не го посетил Белград за првпат, за да воспостави врска со Србија.
-Се разбира, имаме разлики, особено во однос на Косово. Србија се уште ја негира реалноста дека Косово е независна и независна држава. И нема враќање назад. Но, ако сакаме да обезбедиме подобар живот за следната генерација, треба да прифатиме дека по тоа прашање не сме со исто мислење, рече албанскиот премиер.
Според него, тоа не треба да ги спречи Србија и Албанија да соработуваат во други области, бидејќи има многу заеднички интереси.
-Дури и Србија, на пример, да биде поблиску до Русија и Кина, што Албанија никогаш не би го направила, сепак ни треба одржлив мир, заклучи Рама.
Инаку, Рама, во ноември 2014 година, само година по преземањето на функцијата-премиер, беше во официјална посета на Белград, кога се сретна со Александар Вучиќ, тогашен премиер на Србија. Тоа беше прва посета на албански државник по 68 години, по посетата на Енвер Хоџа на поранешна Југославија