Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денес дека в недела или понеделник ќе ја објави одлуката дали ќе оди на самитот на земјите од БРИКС во рускиот град Казањ, додавајќи дека Србија не е во едноставна позиција „што и да направи“, јави дописникот на МИА од Белград.
- Ако кажам – одам во Казањ, тоа ќе го обелодени крајот на европскиот пат на Србија. Ако кажам нешто друго – тоа ќе биде дека Вучиќ ги предал Русите. На тоа прашање ќе одговорам на 20 или 21 октомври, тогаш се ќе ви биде јасно, рече Вучиќ по повод одбележувањето на денот на Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Вучиќ на самитот на БРИКС беше поканет од рускиот претседател Владимир Путин, а јавноста за тоа дозна по средбата на Путин со вицепремиерот Александар Вулин.
Вучиќ потоа кусо прокоментира дека добил покана да учествува на самитот, но дека во тоа време Србија ќе ја посетат важни гости од странство, со напомена дека ќе има „гужва во шеснаесетникот“, а потоа изјави дека е погрешно протолкуван во јавноста, и дека нема да донесе одлука пред 15 октомври.
Самитот на земјите од БРИКС, кој го сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, се одржува од 22 до 24 октомври во Казањ, Русија.
Вучиќ денес во своето обраќање по повод Денот на БИА рече и дека „никогаш немало поголем внатрешен притисок од различни странски служби кои сакаат да го пренасочат патот на Србија“.
- Бидејќи сите играчи на различните служби на Западот и Истокот се под притисок да ги постигнат резултатите што ги бараат странските служби. За мене речиси е невозможно да го издржам тој притисок. Тоа е на секојдневно ниво на моите колеги и пријателите, и од едната и од другата страна сакајќи да го свртат патот на Србија на некое друго место или како што тие сметаат дека е во вистинската насока, а таа вистинска насока е или овде или таму, но никако она што го зацртавме со поддршка на народот, а тоа е српската насока, рече тој.
Зборувајќи за геополитичката ситуација во светот, Вучиќ рече дека „ќе живееме во се полуд свет во кој има се повеќе воинствени пораки“, и дека никој не сака да го слушне гласот на разумот.
- Војната во Украина нема да заврши наскоро, а нема мир ниту на Блискиот Исток. Американците ќе држат под контрола додека можат, што можат, но долгорочен мир нема, рече Вучиќ додавајќи дека никој не сака да зборува за мир, туку за победа и дека во такви околности Србија мора да се „скрие под карпа“ и да одржи рационален пристап кон решавање на проблемите.
Реагирајќи на протестот против ископ на литиум организиран од еколошките здруженија, кој се одржа прексиноќа во Лозница, Вучиќ рече дека „слушнале што имаат да кажат“.
Тој исто така рече дека „во еден момент 83 отсто од луѓето биле експлицитно против ископувањето на литиум“, но дека „тој број е преполовен и ќе биде уште помал“, без да го наведе изворот на овие податоци.