Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека земјата ќе продолжи да инвестира во Безбедносно-информативната агенција (БИА) и во животниот стандард на нејзините членови, јавија белградските медиуми.

Тој ја истакна важната улога на агенцијата, за која рече дека ја штити позицијата на Србија од сите оние кои би сакале да ја уништат.

Вучиќ во БИА, која денеска го слави својот празник и 22 години од основањето, рече дека никогаш немало поголем внатрешен притисок на различни странски служби да го оттргнат патот на Србија од српскиот правец и нагласи дека „патот на Србија“ е единствениот добар начин.

Српскиот претседател посочи и дека мора да се земат предвид сложените услови во кои работи БИА и дека агенцијата треба технички да се модернизира за да може да ги следи сите оние кои, како што истакнува Вучиќ, би сакале да му наштетат на земја.

„Важна е улогата на БИА, да го зачува нашиот пат, патот на Србија, кој е јасно обележан со она што парламентот, претседателот и српската влада го прифатија како наш план, наша позиција и наша програма“, рече Вучиќ како одговор на новинарско прашање дека за буџетот на БИА се издвоени околу 10 милијарди динари (1 евро = 117 динари), што е двојно повеќе во однос на 2017 година и прашање зошто сега е потребно такво зголемување.

Вучиќ додаде дека државата ќе продолжи да инвестира во армијата, полицијата и БИА, очекувајќи, според неговите зборови, сериозни резултати.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2024 05:05