Ракометниот клуб Алкалоид утре ги започнува своите настапи во Европскиот куп, а противник е литванската екипа Клаипеда Драгунас.

На денешната прес-конференција, тренерот Кире Лазаров изјави дека станува збор за противник кој можеби е неатрактивен но е доста опасен.

-Се работи за незгодна школа и оваа година земаа и шпански тренер, пополека но сигурно се гледа нивниот напредок. Ако ја споредиме екиптата на Клаипеда оваа година со минатата, сега се подобри за 30-35 посто, затоа сум опрезен во најавите. Треба да бидеме претпазливи во овој систем дома гости. Постигнуваат многу голови, во повеќето од натпреварите даваат по 40 голови, играат во јак ритам 60 минути без разлика на противникот, кажа Лазаров.

Според него, тимот има поголема самодоверба од лани, но потребна е претпазливост, бидејќи немаат доволно искуство.

-Треба да бидеме дисциплинирани и претпазливи поради системот дома-гости. Утре би бил задоволен со било каква победа, не треба да се оптеретуваме со некаква разлика, порача легендата на македонскиот ракомет.

Капитенот Игор Ѓорѓиев вели дека тимот е подготвен за стартот на европската сезона и сакаат да се покажат во одлично издание пред домашната публика.

- Како тим имаме искуство во Европската лига. Сега системот е поразличен во Европскиот куп, играме дома и гости. Првиот меч е пред нашата публика и секогаш сакаме да се покажеме во одлично издание. Како капитен тврдам дека екипата е спремна и се надевам дека ќе уживаме во еден добар натпревар во нашата Автокоманда. Ја повикувам публиката да дојде во нашата сала и да не поддржи, истакна Ѓорѓиев на прес-конференцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2024 04:11