Возачот на Мекларен, Ландо Норис, го забележа најдобриот квалификациски круг пред ривалот од Ред Бул и лидер во поредокот во Формула 1, Макс Верстапен, за да ја освои пол-позицијата за вечерашната трка за Големата награда на САД во Остин, Тексас која на програмата е од 21 часот по македонско време.
Норис победи на квалификациите за Големата награда на САД со време од 1:32.330 минути, а Верстапен беше за 0.031 секунди побавен.
Пол-позицијата е шеста во кариерата на Ландо Норис, како и четврта на последните пет трки, но прва во САД.
-Едноставно функционираше совршено. Беше многу, многу добар круг. Би рекол веројатно најдобриот во мојата кариера, прокоментира 24-годишниот пилот, додавајќи: „Морав да направам нешто и денес успеав во тоа. Одличен круг и убав начин да се започне трката“.
Верстапен победи во Остин минатата година, а неговата победа во спринтот стави крај на серијата од осум порази на трки што датира од јуни.
Карлос Саинц од Ферари, кој заврши втор во спринтот, и тимскиот колега Шарл Леклер ќе стартуваат од вториот ред.
Оскар Пјастри од Мекларен и Џорд Расел ќе го делат третиот ред, додека Пјер Гасли од Алпин и Фернандо Алонсо од Астон Мартин беа седми, односно осми