Кружниот напаѓач на египетската репрезентација, Мохамед Мамдух Шебиб, кој со француски Монпеље ја освои Лигата на шампиони во 2018 година, ги засили редовите на Еурофарм Пелистер, објави денеска македонскиот првак.

Шебиб, како што е соопштено, ќе го носи зелено – белиот дрес до крајот на сезоната 2025/26.

„Во Битола доаѓа роден победник и пивотмен со големо интернационално искуство“, наведе Еурофарм Пелистер, потсетувајќи дека 35-годишниот Шебиб има скоро 200 настапи за египетската репрезентација, додека на клупски план настапуваше за екипи од Египет, Франција, Романија, Катар …

Со Монпелје ја освои Лигата на шампионите во 2018 година, романското првенство и Куп со Динамо Букурешт, азиската Лига на шампиони, првенството и Купот на Катар со Ал-Џаиш, африканската Лига на шампиони, првенството и Купот на Египет со Замалек и уште многу, многу други трофеи.

Шебиб ќе биде регистриран за натпреварите на Еурофарм Пелистер во македонската Суперлига и Лигата на шампиони во текот на оваа недела, а неговата официјална промоција е закажана за в петок.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2024 04:16