Босна и Херцеговина мора да биде во постојана готовност поради малигното руско влијание, а наводите за обука на лица кои требаше да предизвикаат немири во Молдавија за време на минатонеделниот референдум и претседателските избори треба да бидат темелно истражени, предупреди министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.

Молдавската полиција извести дека минатата недела извршила рации низ целата земја и уапсила неколку лица под сомнение дека подготвувале немири по инструкции од Русија кои требало да го попречат референдумот, според кој во Уставот на земјата би требало да биде внесена одредница за пристапување во Европската унија како крајна цел, и да влијаат на резултатите од претседателските избори.

На референдумот мнозинството Молдавци се изјаснија за членство во ЕУ, но резултатот беше многу близок, бидејќи „за“ гласаа 50,38 отсто, а „против“ 49,6 отсто. Актуелната претседателка Маја Санду, која е силен поддржувач на приближувањето кон ЕУ и критичар на Русија, не извојува убедлива победа во трката за уште еден мандат, како што предвидуваа предизборните анкети, па во вториот круг ќе мора уште еднаш да се соочи со главниот противник Александар Стојаноглу, кој отворено ја симпатизира Русија.

Минатиот викенд медиумите документираа отворени обиди да се купат гласовите на гласачите за да ги поддржат проруските каузи и кандидати, пренесе Хина.

Истрагата на молдавската полиција претходно доведе до информации дека Русија вложила значителни ресурси и пари за да го попречи референдумот и да влијае на претседателските избори, па затоа организирала специјална обука на своја територија, но и во Србија и Босна и Херцеговина. Според собраните информации, таму биле обучувани млади луѓе кои требало да учествуваат во проруски демонстрации.

Во исто време кога оваа информација беше објавена од Министерството за безбедност на БиХ, на чело со Ненад Нешиќ, коалициониот партнер на лидерот на босанските Срби Милорад Додик, следеше експресен демант во кој тие ги обвинија медиумите за ширење неточни информации „кои немаат апсолутно никаква врска со Босна и Херцеговина“.

Од демантите стана јасно дека тие не биле во контакт со колегите од Молдавија, па не ја провериле валидноста на доказите за руските обиди за дестабилизација, но после тоа беа потврдени информациите дека на територијата на Босна и Херцеговина биле регистрирани сомнителни активности кои ги открила Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА).

Претседателот на собраниската комисија за надзор на ОСА Илија Цвитановиќ (ХДЗ 1990) за локалните медиуми потврди дека од директорот на агенцијата за разузнавање Алмир Џува побарал информации за целиот случај.

Нема потврда за постоењето на некои кампови за обука, но ОСА откри дека пред два месеци во БиХ престојувале странски државјани „од исток“, кои може да се поврзат со обиди за организирање групи чија цел е нарушување на јавни собири.

Министерот за надворешни работи Конаковиќ после тоа најави дека лично ќе инсистира на Советот на министри на БиХ целата работа да се расчисти до крај, бидејќи е сигурен дека во неговата земја има луѓе кои се занимаваат со „конкретни задачи“ поврзани со руско влијание, а сега има информации и од ОСА.

- Тоа укажува и повикува на претпазливост која мора да биде постојана кај нас кои живееме во Босна и Херцеговина, рече Конаковиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2024 00:47