Европратеникот од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) Тонино Пицула денеска соопшти дека е назначен за постојан известител на Европскиот парламент (ЕП) за Србија.
„Денеска бев назначен за постојан известител на ЕП за Србија. Во продолжение на големото искуство што го стекнав и со познавање на состојбите во Западен Балкан како и политиката за проширување на ЕУ, ова назначување го гледам како признание за досегашната работа“, напиша Пицула на Инстаграм.
Пицула го поздрави фактот што политиката на проширување повторно е во фокусот на ЕУ, но нагласи дека пристапниот процес мора да се заснова на исполнување на критериумите.
„Очигледно има поголема политичка поддршка од претходно, но процесот на пристапување сепак мора да се заснова на исполнување на критериумите. Секоја земја треба да биде оценува поединечно според резултатите“, изјави тој.
Пицула е член на ЕП од 2013 година, оттогаш е член на Комитетот за надворешна политика (АФЕТ). На функцијата известител за Србија ќе го наследи словачкиот член на Европската народна партија (ЕПП), Владимир Билчик.
Бил министер за надворешни работи на Хрватска во владата на Ивица Рачан (2000-2003), пратеник во Парламентот, претставник на Парламентот во Парламентарното собрание на ОБСЕ.
Во претходното свикување на ЕП, тој беше известител за Црна Гора, како и известител на ЕП за Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) и новиот План за раст на Европската унија за Западен Балкан, кој беше усвоен оваа година.
Политичките групи во Европскиот парламент неделава одлучуваат за своите постојани известители, по што Комитетот за надворешна политика на ЕП (АФЕТ) ќе објави список со имиња.
Според медиуми во Брисел, групата социјалисти и демократи, освен известител за Србија, ќе има и за Албанија, Европската народна партија за Босна и Херцеговина и Косово, либералната група Обнови ја Европа известители за Црна Гора и групата на Зелените - известител за Северна Македонија.