Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре започнува турнеја низ Западниот Балкан, каде што ќе ги посети сите шест земји- кандидатки за членство во Европската унија, кои по години чекање се надеваат дека ќе имаат корист од враќањето на проширувањето на дневен ред на Унијата.
- Четвртата посета на Урсула фон дер Лајен на регионот претставува „силен сигнал“ дека проширувањето повторно е на дневен ред, изјави истражувачката и членка на истражувачкиот центар Бројгел, Хедер Греб.
- Тоа што таа оди таму толку рано во нејзиниот втор мандат и што редовно го посетува регионот е важен политички гест бидејќи ја покажува нејзината заинтересираност и посветеност, додаде Греб.
Нејзиниот претходник Жозе Мануел Баросо го посети Балканот само еднаш за време на својот прв мандат. Пред него, Жан-Клод Јункер изјави дека нема да има проширување под неговото претседателство, потсети Греб.
За кандидатите за членство во ЕУ – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, оваа посета ќе биде можност да покажат дека спровеле реформи неопходни за да се приклучат кон ЕУ, пишува српската агенција БЕТА.
Дебатата за проширувањето трае веќе 20 години. Во текот на тој период, во некои земји се намали поддршката од населението за приклучување кон ЕУ, како и политичката волја за спроведување на очекуваните реформи.
Меѓутоа, ставот е променет по почетокот на руската инвазија врз Украина, што го оживеа процесот. „Вонредната ситуација околу Украина и Молдавија му помогна на Балканот“, оцени Хедер Греб.
- Претпоставувам дека нејзината турнеја ќе има прилично оптимистичен тон, изјави потпретседателката на невладината организација Европско движење во Србија, Јелена Миниќ, додавајќи дека новиот механизам за приближување на целиот регион кон ЕУ е планот за раст, започнат во ноември 2023 година.
За справување со економските влијанија на Кина и Русија врз Западниот Балкан, ЕУ „стави“ шест милијарди евра на маса во форма на план за раст, чија цел е удвојување на економските капацитети на регионот.
Планот е структуриран околу четири столба: интеграција во единствениот пазар, регионален заеднички пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемена финансиска помош.
Но, исплатите ќе бидат подложени на строги услови поврзани со спроведувањето на реформите, особено во однос на усогласувањето на партнерите со заедничката надворешна и безбедносна политика.
Дипломатското усогласување што се бара од кандидатите, најверојатно, ќе биде дел од разговорите, особено во Србија.
Белград никогаш не воведе санкции кон Москва, а српскиот претседател Александар Вучиќ вчера телефонски му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин што овозможи Русија да ја снабдува Србија со доволни количини гас оваа зима.
Шефот на европскиот институт Жак Делор, Лука Мачек, оцени дека ќе се следи сè што Урсула фон дер Лајен ќе изјави и направи во Србија.
„Што ќе каже и што ќе направи во Србија, тоа ќе биде под лупа, бидејќи таа можеби беше критикувана – како и другите европски официјални претставници, дека не му објаснила доволно јасно на Вучиќ кои се границите, што ЕУ може, а што не може да прифати во смисла на нелибералната политика“, изјави Мачек.
Вучиќ, кој своите постојани промени на ставовите меѓу Истокот и Западот ги направи клучен дел од својата надворешна политика, го одби повикот на Путин да присуствува на самитот на БРИКС во Казан, кој почна денеска, образложувајќи дека очекуваат важни посети на Србија.
Уште едно горливо прашање, кое би можело да биде тема на разговорите на Урсула фон дер Лајен е распоредот за прием во ЕУ, бидејќи некои кандидатки по 20 години се уморни од чекањето.
„Не верувам дека полноправното членство е можно пред истекот на мандатот на оваа Комисија“ во 2030 година, оцени Мачек.
„Мислам дека е можно некои земји како Црна Гора, а можеби и други, да обезбедат до крајот на мандатот на Комисијата преговорите да бидат затворени“, додаде Мачек.
Инаку, Фон дер Лајен утре ќе допатува во Тирана, која е прва нејзина дестинација. Ќе се сретне со премиерот Еди Рама и ќе учествува на свеченото отворање на кампусот на Колеџот на Европа. В четврток ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај, а потоа ќе замине за Северна Македонија, а ќе ги посети и поплавените подрачја во Босна и Херцеговина.
В петок таа ќе отпатува за Србија, а балканската турнеја ќе ја заврши в сабота со посета на Косово и Црна Гора.