Со маици на кои е испечатено „Ослободете го Бериша“, пратениците на албанската опозициска Демократска партија, одржаа протест пред Европскиот парламент во Стразбур, во што биле поддржани од група албански граѓани кои живеат во Франција.
-Пратениците Газмент Барди, Јорида Табаку, Агрон Ѓекмаркај и Албана Вокши се сретнаа со европратениците Лукас Мандал и Давор Иво Штиер, претставник на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, како и со Сандро Гози и Оихане Агирегоитија Мартинез, претставници на пратеничката група „Обнови ја Европа“ (Renew Europe), стои во партиското соопштение.
Останатите пратеници носеле транспаренти „за да го свртат вниманието на Европејците на ситуацијата во Албанија, во која владее диктаторски режим“.
-Овде сме да го свртиме вниманието на Европскиот парламент кон Албанија и драматичната ситуација во која се наоѓа нашата земја. Наркодржавата соработува со (премиерот Еди) Рама, кој го уништи уставот и темелите на владеењето на правото, а ние сакаме европратениците да го свртат вниманието кон нас. Треба да има правна и демократска држава, но реалноста е многу поинаква. На пратениците од опозицијата максимално им се ограничени правата. Рама не разговара за уставот и неговите одлуки и ги кине фрлајќи ги во отпад. Оваа акција беше неопходна, бидејќи кај нас се инсталирани криминал и корупција. Она што нè доведе во оваа акција е поврзано со уцените и притисоците што ги врши мнозинството врз опозицијата, изјавиле дел од пратениците за албанските медиуми.
На транспарентите пишува „Сакаме да влеземе во Европа, но не со бродови“, што асоцира на постојаната миграција на албанските граѓани.
На протестот пред Европскиот парламент, кој денеска одржува пленарна седница, се 30 демократски пратеници, приврзаници на Сали Бериша