Како постојан известувач, Шарец ќе го следи напредокот на Црна Гора во процесот на пристапување кон Европската Унија и подготовката на годишниот извештај за ова прашање.

Шарец изјави дека ја избрал Црна Гора затоа што смета дека е „на добар, но сè уште долг пат, кој може да биде успешно поминат со искрени намери и сериозен пристап“. Тој додаде дека ќе соработува со сите клучни фигури во овој процес.

- Одлучив да се кандидирам врз основа на претходното искуство како премиер и министер за одбрана. Секогаш ја бранев позицијата на Словенија, како и својата, дека процесот беше во застој во минатото, и сега императив е процесот повторно да се придвижи, истакна Шарец.

Тој посочи дека е корисно ако постојаниот известувач доаѓа од земја која не е директен сосед на земјата кандидат, бидејќи според него, тоа е единствениот начин да се следи процесот објективно.

- Истовремено е важно да се познава историјата на земјата кандидат, нејзините досегашни напори, како и сите недостатоци. Процесот на проширување мора да се заснова и на взаемно почитување на договорите и почитување воопшто. Како и на познавањето на специфичностите на секоја земја, додаде новиот известувач на ЕП за Црна Гора.

Шарец ќе ја посети Црна Гора следната недела, од 30 октомври до 1 ноември, како дел од Делегацијата на Европскиот парламент за стабилизација и асоцијација.

Марјан Шарец ја наследи позицијата од хрватскиот европратеник Тонино Пицула од групата на Социјалистите и демократите, кој ја извршуваше функцијата во претходниот мандат на ЕП. Во овој мандат, Пицула е известител за Србија



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2024 20:31