Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата Илир Мета, пред да биде уапсен побарал политички азил во Унгарија, но бил одбиен.

Ова го изјави еден од најпознатите албански адвокати, Спартак Нѓела, инаку поранешен министер за правда во владата на Сали Бериша.

Гостувајќи во емисијата „Албански живот“ на албанската државна телевизија, Нѓела рече дека Мета на денот на апсењето се враќал од Косово, каде што отишол за да продолжи за Унгарија, но повторно се вратил во Албанија откако Будимпешта не го прифатила неговото барање за политички азил.

- Тој побара политички азил во Унгарија, а Будимпешта не му го даде, затоа беше во Косово, одеше за таму, но се врати. Тоа е во рамките на меѓународните правила, побара политички азил и Будимпешта не му даде политички азил, рече Нѓела.

По налог на Специјалното обвинителство против организирал криминал и корупција, СПАК, Мета беше уапсен во понеделникот попладне, на 21 октомври, во Тирана на враќање од Косово.

Обвинението го товари за 3 обвиненија, корупција, непријавување и прикривање имот и перење пари. Вчера му беше потврден затворскиот притвор, мерка која ја издржува во затворот "313" во Тирана.

Неговиот адвокат Генц Ѓокутај најави жалба, откако денеска го посети Мета во затворот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2024 23:54