Новиот Единствен регистар на сметки којшто се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи бил во фокусот на разговор на средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова.
Регистарот ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.
- Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции. Овој регистар се очекува особено да ја зголеми ефикасноста на процесите за присилната наплата преку обезбедување релевантни информации за платежните сметки за потребите на новиот електронски систем за присилна наплата, којшто исто така е предвидено да се воспостави согласно Законот за плетжни услуги и платни системи. Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите на присилна наплата и давателите на платежни услуги, обезбедувајќи поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства за присилна наплата со што ќе придонесе за намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните, појаснуваат од Народната банка.
На средбата, како што информираат од централната банка, била истакната важноста на соработката меѓу институциите во финансискиот систем, како и дека преку координација и споделување на финансиски податоци, засилено управување со ризикот и проактивен став против финансиските неправилности, ќе се делува кон натамошното јакнење на економската отпорност.
Биле разгледани и иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци и за полесно следење на монетарните и фискалните трендови и дека двете институции се залагаат за финансиски екосистем којшто поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.
На средбата одржана во Народната банка, била изразена подготвеност за продлабочување на натамошната соработка меѓу двете институции во рамки на нивнитенадлежности за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите.