Премиерот Христијан Мицкоски очекува сите пратеници да го изгласаат Буџетот за 2025 година. Тој денеска, на седницата за пратенички прашања, најави дека следната недела почнуваат преговорите на Економско-социјалниот совет за платите на здравствените работници со цел постигнување колективен договор.
Одговорајќи на прашања од пратеникот Драган Ковачки, Мицкоски се осврна и на поддршката за општините кои, како што оцени, долго време биле запоставени и заборавени.
Зборуваше и за стратегијата до 2050 година чие изготвување го најави на 23 октомври. Од собраниската говорница повторно повика на консензус од сите политички чинители, повторувајќи дека со овој документ ќе се дефинираат приоритетите за развој на државата: демографските предизвици, економските цели, земјоделскиот, технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој.
- Вкупно шест милијарди денари оваа година и уште 15 милијарди денари идната година ќе добијат општините за проекти кои ќе се развиваат неколку години. Сите општини, без разлика на политичката припадност на нивното раководство, дадоа проекти и добија средства, со исклучок на една која приложи тековен проект. Се надевам дека и таа ќе ги поднесе потребните документи, истакна Мицкоски.
Тој е оптимист дека сите политички чинители ќе се обединат околу изготвувањето на стратегијата.
- Стратегијата ќе мора да даде одговор на многу прашања кои до денес висат неодговорени. Оптимист сум дека сите ќе се обединиме околу нејзиното изготвување. Документот наиде на оштрица од СДСМ, а очекував да го поддржиме заедно, истакна премиерот.
Во врска со патувањето во САД на кое беше придружуван од повозрасниот син, Мицкоски истакна дека се докажа неоснованоста на обвинувањата дека за оваа намена биле потрошени државни пари.
- Јован тоа го издржа, има 18 години, посебно беше среќен кога дојде одлуката од ДКСК според која нема злоупотреба на буџетски средства. Мене ми олесна повеќе како родител. Тој беше присутен на универзиотет во САД каде можеше да го следи предавањето на татко му, да види и да спореди што има тука, а што таму. Кога дојде одлуката од ДКСК, посреќен не сум го видел. И јас чувствувам големо олеснување. Срамот ќе остане на тие што одлучија да го користат него за да плукаат врз мене. Кукавичлукот е најлоша карактерна особина на секој човек. Честа на Јован е одбранета и тој нема од што да се срами зашто беше во САД, рече Мицкоски.