Од 1000 до 10 000 евра, им биле барани на приватните компании за одредени дозволи, инспекциски надзори, царински, а кај јавните набавки 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот. Дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт. Ова го покажа анкетата на Стопанската комора на Македонија, спроведена лани, а со која биле опфатени 138 приватни компании, од кои 53 проценти се изјасниле дека биле соочени со коруптивни барања.

Резултатите од анкетата беа соопштени на денешната обука „Бизнис интегритет“, која се одржа во Прилеп со компаниите од градот и регионот, организирана од Стопанската комора на Северна Македонија.

- Борбата против корупцијата и бизнис интегритетот се теми за кои можеби во земјава недоволно зборуваме, но се од суштинско значење за секој кој има намера сериозно да се занимава со бизнис. Резултатите од анкетата се такви какви што се. Имаме многу голем простор да ги подобриме работите. Јас би издвоил два моменти. Првото е што 83 проценти од анкетираните компании сметаат дека корупцијата е еден од трите најважни проблеми во државава кој треба да ги решиме и второ, анкетата покажа дека дури 96 проценти од компаниите кои одговорија, сметаат дека може да се има успех во борбата против корупцијата, што е охрабрувачки елемент, при што тие делумно се вртат и кон самите себе и велат дека имаат потреба да внесат, да вградат, или да ги засилат своите механизми за спречување на корупцијата, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.

Еден од предавачите на обуката за бизнис интегритет Јованка Кенкова Пјевац, предавач на обуката од Македонски телеком вели дека компанијата е пионер во имплементирањето на системи за интегритет. Потребно е да се усогласиме со намерите на Европската унија за борба против корупцијата, а има можност за индивидуални и заеднички мерки на компаниите.

- Мерките за самите компании се имплементирање на еден сеопфатен систем за интегритет кој е комплексен. Покрај индивидуалните мерки на секоја компанија, постои простор за колективно дејствување. Тоа е една од формите на здружување на компаниите со кое може да го засилат своето влијание во борбата против корупцијата, особено во услови кога локалните законодавства слабо функционираат во тој дел. Европската Унија е во подготовка на еден многу екстензивен документ за борбата против корупцијата како директива која треба да ја усогласат сите членки на ЕУ. Бидејќи налага обврски и за компаниите добавувачи, потребно е, бидејќи сме во процесот на евроинтеграција, и нашето локално законодавство да се усогласи со директивата, рече Кенкова Пјевац.

Претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп, Никола Мариноски, смета дека се потребни казни и независен, стабилен судски систем.

- Доколку се воспостави добар судски, мериторен систем каде ќе може да се казнуваат таквите коруптивни дела, сметам дека ќе може да исчекориме напред. Сметам дека доколку државата воведе систем, најпрво на казни, односно судскиот систем да почне да казнува, тогаш сметам дека ќе се намали оваа, како што кажа и американската амбасада, ендемска корупција во нашава држава, рече Марионски.

Обуката за „Бизнис интегритет“ на која учествуваа претставници на преку 30 компании е прва од ваков вид во земјава и е една од активностите на Стопанската комора за градење здрав економски амбиент. Тоа вклучува борба против корупцијата, борба против сивата економија, борба за владеење на правото. Ова е активност во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“ кој го раководи Македонскиот центар за меѓународна соработка, а учествуваат невладини организации, медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство и Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис сектор. Проектот е финансиран од УСАИД.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2024 16:25