Сигурно е дека ако бомбата експлодираше онаму каде што беше планирано да се постави ќе предизвикаше голема катастрофа и како што се чини тоа било планирано да се случи набргу, рече министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервјуто за телевизијата „Скај“, говорејќи за импровизираниот експлозивен механизам што експлодираше во четвртокот во стан во атинска населба, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежниот министер објасни дека станува збор за голема бомба во подготовка со концентриран експлозивен материјал, а точниот состав ќе се открие по лабораториските анализи и додаде дека веројатно зградата каде што се случи експлозијата сега веќе е „несоодветна за живеење“.

За оние кои стојат зад експлозивниот механизам, Хрисохоидис истакна дека се чини дека станува збор за „млади луѓе кои се стремат да бидат трета генерација терористи во Грција, во една сосема поинаква ера“.

Во експлозијата на стан во Атина по активирање на импровизиран експлозивен механизам, животот го загуби маж, а една жена е тешко повредена.

Зад експлозиите во Грција најчесто стојат анархистичко-терористички организации и здруженија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2024 19:23