Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ќе учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) – „Виенски дијалог за иднината 2024“, што ќе се одржи денеска во Виена, Австрија.

Како дел од овогодинешната тема „Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски Форум на едно место ќе ги обедини лидерите од цела Европа кои ќе разговараат за клучните економски и политички прашања кои ја обликуваат иднината на регионот, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерката Божиновска ќе учествува на третата сесија на Форумот, насловена „Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“. Сесијата, модерирана од Даниела Филип, ќе биде отворена со изјава на Матео Ривелини, раководител на Одделот за Западен Балкан и Турција во Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Заедно со регионални лидери и експерти, министерката Божиновска ќе дискутира за колективните одговорности на политичките и економските сектори за обезбедување стабилна, одржлива и просперитетна иднина за Европа. Покрај Божиновска, на панелот ќе учествуваат Александар Влаховиќ, претседател на Српската асоцијација на економисти и член на УО на Виенскиот Економски Форум, Сабине Херличка, извршен аиректор на „Инфинеон Технологии Австрија АГ“, Гинтер Рабенштајнер, управен партнер на „eHydro500“ и почесен претседател на Виенскиот Економски Форум, Сезгин Билгич, генерален секретар на Фондацијата „Мармара Груп“ Турција, Наталија Бејан, генерален директор на агенцијата „Инвест“ Молдавија и Никола Вујовиќ, потпретседател на Стопанската Комора на Црна Гора.

Учеството на министерката Божиновска на Виенскиот Економски Форум, како што е посочено во соопштението, е приказ на посветеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и на нашата држава кон размена на искуства со европски и светски експерти, кон партиципирање во дијалозите и придонесување кон европската агенда за одржлив раст, унапредување на енергетската ефикасност и зајакнување на регионалната стабилност.

-За нашата држава, учеството во ваквите дискусии не е само политика, туку и одраз нашата тековна работа и стратегија за интегрирање на обновливите извори на енергија, поддршка на економската стабилност и создавање силни партнерства. Учеството на собири како Виенскиот Економски Форум ја нагласуваат важноста и улогата на нашата држава во поширок, европски контекст и исклучително големата важност обединетиот пристап кон овие предизвици, изјавила Божиновска пред почетокот на самитот.

Преку своето учество и остварените средби, министерката Божиновска, како што посочуваат од нејзиниот кабинет, продолжува да работи на зајакнување на соработка со европските партнери за позелена, посигурна и поотпорна енергетска иднина во државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2024 20:09