Ракометарите на Алкалоид двата натпревара од 1/16 финалето во Европскиот куп со Вест Виена ќе ги играат на свој терен.
На сајтот на Европската ракометна федерација стои информацијата дека двете екипи се договориле и првата средба и реваншот да бидат во Скопје.
Тимот предводен од тренерот Кирил Лазаров сезонава игра извонредно. Во домашното првенство има максимални 10 победи, на стартот на сезоната го освои Суперкупот на Македонија, а има и две победи над литванска Клаипеда во 2. коло на Европскиот куп.
Натпреварите Алкалоид – Вест Виена се закажани за 29 и 30 ноември во салата „Автокоманда“.