Во Основен кривичен суд Скопје денеска сведочеше адвокатот Васко Стојков, кој го возел до Белград Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
На прашања од обвинителката Жаклина Трајчевска на судската расправа тој изјави дека на 30 ноември 2023 година бил во Белград со обвинетиот Љупчо Палевски. Прашан за причината за посетата, Стојков изјави дека Палевски сакал да среди работи поврзани со својата кичма и планирал да ги посети Србија и доколку е потребно и Турција.
Според неговото сведочење, утрото, Влатко Кешишов и Палевски го контактирале за да го прашаат дали знае некој нотар што би работел во неработен ден. На средбата, Палевски и Кешишов му побарале помош за да обезбеди полномошно за патување, меѓутоа Стојков се понудил тој да го пренесе до Белград штом станувало збор за кичмата.
На прашањето што разговарале за време на патувањето, адвокатот одговори дека тоа биле многу работи, но не и за прегледот.
-Разговаравме за тоа дека политичката партија „Десна“ поднесе кривична пријава на 24 ноември против високи функционери за големи криминали. Ми кажа дека има некое велешко возило, рече „се лепи за мене, низ градот каде што се движам“, рече адвокатот.
Потоа сподели дека откако пристигнале во Белград отишле на вечера со некој професор со кого разговарале да биде гостин во нивниот поткаст, да зборува за Чебрен.
-Потоа го оставив Палчо во хотел, а јас се вратив за Скопје. Утредента ми се јави ми кажа дека најверојатно ќе заминува за Турција. Рече ќе мора за Турција да одам, нема да бидам тука десетина дена, нема да дојдам на Централниот Комитет, со Миле ќе договоривте што треба, рече тој.
Потоа му се јавил сведокот Ѓорѓи Џолев кој му кажал дека жена му е во полициска станица за крвни деликти.
-Ми се јави Џоле и ми кажа за што се работи, дека е за колата. Се сретнавме, зборувавме што се тоа крвни деликти. Го посоветував да каже сѐ што треба. Потоа, бидејќи не знаев што се случува, отидов во партијата. Таму беа Влатко Кешишов и Баже, брат на Љупчо Палевски, тоа беше после 21:30 вечерта, петок, 1 декември, рече адвокатот.
Откако дошла полицијата на претрес, тој рече дека му до дале налогот и почнал претресот.
-Се бараа делови од автомобил, велешка регистрација, други запалливи материи, а го бараа и возилото кое беше паркирано пред партијата, рече адвокатот.
Адвокатот информираше дека откако започнала истрагата, него го викнале на распит и во текот на распитот, Љупчо Палевски го контактирал Стојков и потврдил дека се наоѓа во Турција.
-Во текот на распитот се јави Љупчо, им кажав на инспекторите, тие ми рекоа прашај го каде е, јас го прашав, тој ми одговори јас веќе стигнав во Турција, рече тој.
При што сподели дека инспекторите му рекле да го праша Палевски за неговото движење, тој го прашал и тоа што му го кажал Палевски го пренел на инспекторите.
Потоа, откако почнале медиумите да објавуваат, адвокатот рече дека престанал да комуницира со Палевски затоа што, како што рече, „се уплашив“.
Стојков, меѓу другото, изјави дека го познава Палевски од 2016-2017 година и рече дека му позајмил 20 илјади евра во изминатите три години за да му помогне да избегне извршување на имотот.
-Имавме релации, преку партијата, приватни релации. На пример Љупчо Палевски одредено време имаше потреба од парични средства, ме замоли ако имам да му позајмам, јас му позајмив. Најдовме човек што ќе го купи станот, да не дојде до извршување, рече тој.
Прашан од обвинетиот Љупчо Палевски дали му делувал сомнителен, адвокатот одговори дека немал таков впечаток.
Претходно денеска сведочеа членови и симпатизери на политичката партија „Десна“, како и тетката на Вања.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. Судењето продолжува на 15 ноември 2024 година.